Skip to main content

Продавањето ташни е трговска гранка и го има мојот респект како и секоја друга чесна професија. Она што ќе се обидам да го образложам е дека медицината и трговијата не се исто иако, се повеќе мои колеги и неколеги се обидуваат да го докажат спротивното.
Секој човек има исконски нагон да добие повеќе а, да плати помалку. Особено кога во џебот има продолжена осека, односно му е повеќе празен отколку полн. На ваква плодна почва се намножија портали и агенции кои нудат секакви попусти за се и сешто. Не навлегувајќи во реалноста на попустите кои кај нас обично следат после корекција на цените нагоре и разбирајќи ја тенденцијата на трговијата да си го зголеми прометот, при што попустот е еден од легитимните орудија, проблемот настанува кога медицинските услуги ќе ги изедначите со продавање ташни. Во тој смисол постојат повеќе небулози во чија мрежа потпаѓаат моите колеги, кои како мене, се неуки во делот на менаџментот и маркетингот:

1. Медицината поради својата специфика не е трговија ниту класичен бизнис. Ако се обидете да ја сведете на тоа, заборавете ја медицината.
2. За разлика од материјалните добра кои имаат повеќе или помалку одредена цена на чинење, интелектуалниот труд во медицината е предмет на поинаква проценка на цената на чинење. Секако во таа цена на чинење како објективни компоненти мора да се вбројат времето, трудот и парите за сите наши специјализации, субспецијализации, магистериуми и докторати. Искуството пак нема цена.
3. Општо познато правило е дека квалитетот е скап. Истото важи и за медицината, уште повеќе што од тој квалитет зависи Вашето здравје па и Вашиот живот во крајна линија. Затоа тврдам, дека евтино здравство не постои, а историјата не учи дека сите реформи кои сакале да измислат топла вода во вид на евтино здравство обично неуспешно завршувале, најчесто по грбот на пациентите а, лекарите биле колатерална штета.

$(KGrHqNHJCEE9EBQ(O4qBPTnOJGU,w~~60_35Здравството може да биде финансиски рационално, но тоа не подразбира евтино.
Од овие а и други неспомнати причини, нудењето на здравствените услуги по нереално ниски цени можеби краткорочно и среднорочно ќе донесат финансиски бенефит но, на долги патеки ќе имаат повеќекратно разорно дејство. Еве зошто:

1. Никој кој платил еднаш преглед за 500-800 денари нема да Ви ја плати реалната цена на прегледот потоа. И истиот тој ако е незадоволен или за следниот преглед ќе плати многу поголема цена за истот. Нашиот народ не рекол залудно дека сиромавиот два пати плаќа.
2. Иако пациентот ќе биде пресреќен што за мали пари ќе добие преглед (за квалитетот на таквиот преглед не коментирам), всушност лекарот и целиот негов труд во очите на пациентот е деградиран, а лекарот се сведува на пазарџија кој доматите од 95 ги намалил на 50ден/кг. (секоја почит за пазарџиите)
3. Деградирајќи се себеси (продавајќи го својот труд и скапо платеното знаење за мали пари), колегата ги деградира и своите колеги и нивниот труд. Но, впрочем солидарноста во нашата фела на овие простори никогаш и не била особено присутна.
4. Ова смешно и бизарно распродавање на нашето знаење и умеење по пазарите на порталите за попусти, нужно ја наметнува потреба од контрола на цените и поставување на појасни правила на игра во приватниот здравствен сектор кој сега е сведен на либерален капитализам односно е 100% регулиран од пазарот. И можеби тоа ќе беше во ред ако се работеше за обична трговија. Поради тоа Лекарската Комора како најповикана да го брани дигнитетот на лекарите мора барем да се обиде да воспостави ред во приватниот здравствен сектор, секако заедно со Министерството за здравство.

На колегите пак им препорачувам за себе-промоција да користат други средства од маркентиншката сфера. Нивната најголема и најдобра реклама ќе биде нивното знаење, професионалност и етика. Медицината е специфичен “бизнис” кој треба да се тера на долги патеки па, секоја избрзана, краткорочна и лошо обмислена иницијатива може да има далекусежни последици. Впрочем, нашата последна цел е на луѓето да им ги земеме парите колку и да се. Најпрвин да им се помогне, да се стекне нивната доверба, да Ви го доверат прво своето здравје, а потоа и здравјето на своите блиски, пријатели , соседи. Секако ова не оди брзо, не оди преку ноќ, нема да ви донесе 200 пациенти за еден месец, туку за неколку години но, ако успеете и истраете, тогаш сте го постигнале најголемиот успех. Притоа не сведувајќи се на обичен трговец и не валкајќи ја ова благородна професија сведувајќи ја на купи/продај пазар, што е за жал силно изразена тенденција во последно време.

Dr.Ненад Златановиќ m-r.sci

Always looks on the bright side of life, but,nevertheless, wears an umbrella ...