Ако ве боли мешето, напијте се една струмичка Мастика….Анасон!
Анасонот (Pimpinella anisum) е едногодишна билка, која расте во висина од 50 до 100 сантиметри. Стеблото на анасонот е разгрането и шупливо, покриено со мали влакненца. Долните листови се округли а, горните тројно разделени. Цветот е како штит составен од многу мали цветчиња. Плодовите каде што се наоѓаат драгоцените семки се со крушкаст облик и со ситни влакненца.
Расте во природата на сончеви падини, а се одгледува и како култура на големи површини. Од билката се употребуваат само семките.
Хемискиот состав на анасонот вклучува етерични масла од кои најмногу има анетол, потоа анис алдехид, ацеталалдехид, анисова киселина, триглицериди и други микро елементи.
Анасонот се користи за лечење на астма, кашлица, за подобрување на апетитот, за несоница и пред се за стомачни проблеми.
Се употребува на тој начин што се додава една лажичка мелен анасон на 200 грама зовриена вода. Може да се користи и мед зачинет со прав од анасон.