Холистичкиот пристап во класичната медицина или како специјализациите ја “расипаа” медицината
Според речникот, под поимот “ холистички “ се подразбира нешто што се однесува на целокупниот систем, а не на составните делови. Здравје, подобар пример за таков систем од човечкото тело. Совршена машина составена од повеќе засебни но, меѓусебно силно поврзани системи кои можат да функционираат само како Целина. Нарушувањата во еден систем нужно го нарушуваат функционирањето на Целината.
Во едно дамнешно време, кога немало ЕКГ апарати, ехо апарати, магнетни резонанци, томографи, лаборатории за се и сешто, а лекарите имале само еден дрвен стетоскоп, две раце, знаење, искуство, логика, многу тревки и понекоја хемија дури и тогаш луѓето се дијагностицирале и лекувале. Очигледно и покрај релативно примитивната медицина, споредено со денешнава, не изумреле сите. Но, тогашните лекари за да утврдат зошто човекот го боли глава , морале да го прегледаат од главата до петиците (колку можеле и со што можеле). Бидејќи човекот го болело глава, ама можеби било од притисокот, а пак покачениот притисок можеби бил од болните бубрези … Сакале нејќеле морале целиот да го прегледаат за да се обидат да ја утврдат точната причина за маката на човекот и да ја лекуваат причината. Бидејќи само лекувањето на причината е ефикасно лекување. Тоа најчесто го правел ЕДЕН лекар и во повеќето случаи, во тие услови, го правел успешно!
И тогаш човекот ги измисли специјализациите. Делумно за да си олесни, а делумно и за да се прилагоди кон техничко-технолошкиот развој на дијагностичките и терапевтските методи. Па така, невролозите најмногу знааат за нервниот систем, интернистите кои би требало најмногу да знаат бидејќи опфаќаат најмногу системи, истите си ги поделија меѓусебе, па имаме гастро-ентеролози кои најмногу знаат за системот за варење, пулмолозите кои знаат за белите дробови, кардиолозите кои го обожаваат кардиоваскуларниот систем, офталмолозите кои гледаат само во очи и така натаму…
Свесно или несвесно, намерно или како принудна адаптација, секој си ја гледа само својата специјалност и органот за кој учел и за кој е “ задолжен “, иако секој лекар уште во текот на студирањето се запознал со концептот и функционирањето на човековиот организам како ЦЕЛИНА! Сите ние знаеме дека проблемот за кој ни се јавува пациентот најчесто не е изолиран, но тажно е што ретко кој погледнува и милиметар надвор од својата “зона на интерес”. Не дека не се консултираме и со другите специјалности, но најчесто тоа го правиме кога поврзаноста со друг органски систем е премногу очигледна, или ако сме премногу совесни па ги следиме протоколите кои налагаат испитувања и на други органи, иако не сите. Во најголемиот број на случаи, во трката да опслужиме повеќе пациенти, гледаме само да го решиме акутниот проблем поради кој ни се јавува пациентот, а да погледнеме подлабоко во проблемот…не можеме, не сакаме, немаме време, или не знаеме. Па, оттука произлегува дека жолтицата не секогаш е болест на црниот дроб туку и на крвта, главоболката не е само од тумор во главата туку од притисокот (за среќа ова е влезено во матриксот на мисли и брзо се поврзува). Примерите се безбројни.
Холистичкиот пристап обично се врзува со алтернативните медицини, што е сосема погрешен пристап. Холистичкиот пристап воопшто не е контрадикторен со класичната медицина, напротив тој бил и е дел од неа, во современово време неправедно запоставен.
И затоа колеги, да најдеме време, да го погледнеме пациентот, каков му е ликот, бојата на лицето, како се движи, каков му е погледот, како зборува, како седи, како стои, како се однесува, без оглед дали дошол поради главоболка, гушење или срцебиење. Тој ќе ни биде неизмерно благодарен, а нашата дијагноза и третман многу поточни и покомплетни.