Лесно, достапно но, многу ефектно. Со малку трпение и спретност направете сами украси за Велигден. Ова се нашите предлози а, вие направете аранжмани во согласност со она што го имате дома или во градината. Предност на овие изработки е тоа што можете да ги употребите и за декорација по некој друг повод (роденден, забава, Божиќ…) со менување на бојата, сезонското цвеќе и дополнителните украси.
За овој убав аранжман потребни ви се помал и поголем стаклен сад (може вазна или тегла), неколку цветови (гербери, божур или друго сезонско цвеќе) и вапсани велигденски јајца. Внимавајте да има доволно простор помеѓу двата сада, за да се вметнат јајцата без да се оштетат. Во помалиот сад ставете вода, цветовите така ќе бидат свежи подолго време. Усогласете ги боите на јајцата и цветовите за подобар ефект.
Весели зајачиња. Потребни ви се помал и поголем стаклен сад (препорачливо е да бидат во форма на коцка), неколку цветови со кратки стебленца (гербери, каранфил или друго сезонско цвеќе), украсни каменчиња (боја и облик по избор), пенести бонбобни (може да употребите и гумени бонбони или детски играчки). Во помалиот сад ставете вода, цветовите така ќе бидат свежи подолго време. Овој пат боите на украсите и цветовите се разликуваат, но се во согласност со останатиот дел од масата (прекривка, салфети и свеќички).