Skip to main content

Одговорот веројатно зависи од тоа кој како ги разбира или толкува. Наспроти општо прифатеното и до крај погрешното соверемено сфаќање на диетета како начин на исхрана со единствена цел намалување на телесната тежина, поимот диета всушност значи начин на исхрана, претпоставително, правилен.

Велат нема жена која барем еднаш во животот не почнала да држи диета. Но, и мажите во трката по убавината разбрана по современи критериуми не заостануваат зад жените.

За жал мал е бројот на успешно завршените диети. Најчесто неславно завршуваат на првата кременадла, баклава, или торта. Потоа се враќаат а, и ги надокнадуваат и тие 1-2 изгубени килограми и во некој друг понеделник повторно од почеток.

Диета. Протеинска, јагленохидратна, овошна, зелечукова, каква се не, и најчесто погрешна. Од една единствена причина: бидејќи главната референца за таа диета бил напис во весници, интернет портал, интервју на холивудска звезда и сл. Ниту збор за природата на диетета, нејзиното влијание на телото и секако можните несакани последици. Важно е дека за 10 дена се губат 15 килограми. Дали при тоа ќе се шокира метаболизмот на организмот, ќе се предизвикаат последици понекогаш и неповратни за срцето, мозокот, жлездите, дали ќе се предизвика ново или ќе се разбуди старо или непознато заболување… не е важно. Целта го оправдува средството, какво и да е.

Во опсесивната самобендисаност дека сите сé знаеме, забораваме дека диетата е терапевтски процес кој како и секое лекување мора да биде назначено, спроведено и контролирано од лекар и/или друго стручно лице. Како секој терапевтски третман, секоја диета МОРА да започне со комплетен ПРЕГЛЕД, кардиолошки, интернистички и задолжителни крвни анализи. Присуството на претходно постоечко, а неоткриено заболување кај луѓето кои сакаат да ја регулираат својата телесна тежина може да предизвика и фатални ефекти.

Само ЗДРАВИ луѓе можат да држат диета особено диета разбрана во модерна дефиниција. Доколку пак загубата на дел од телесната тежина претставува медицинска потреба, (секогаш е) во услови на постечко заболување тогаш режимот на слабеење треба да биде дефиниран, под строг надзор и контрола на лекар за да се намали ризикот од несакани ефекти и влошување на болеста.

Која е тајната на успешна диета која ќе резултира не само со загуба на вишокот килограми туку и со создавање на навика за здрава исхрана и здраво живеење во целина? Тајната е дека НЕМА тајна. Тајната е во умереноста, во избаласираниот внес и изнес на енергенси од телото. Тајната е во внес на многу вода, овошје и зелечук, умерени количини јагленихидрати, масти и протеини. Тајната е секојдневна физичка активност. И 30 минути пешачење ќе заврши работа. Тајната е во едукацијата и информираноста. А, најголемата тајна е во индивидуалниот пристап кон секој човек засебно, во сите терапевтски процеси вклучувајки го и слабеењето.

Е па, понеделник е… ден за почеток.

Dr.Ненад Златановиќ m-r.sci

Always looks on the bright side of life, but,nevertheless, wears an umbrella ...