Цветници
by Ginka Ristova · 28/04/2013
Исус влегува во Ерусалим…Илјадници со палмини гранчиња и цвеќиња го поздравуваат скромниот лик кој на магаренце влегува низ портите на светиот град. Се навестува радост и среќа…
Во спомен на ова свечено влегување на Исус во Ерусалим уште од најраните христијански времиња е востановен празникот Цветници.
На овој ден младите невести, девојките и девојчињата со кошници во рацете, одат на прошетка во селските ливади. Берат цвеќиња. Прават толку цветни кивчиња колку што има членови во нивната фамилија. Прават и една поголема китка за куќата која, по враќањето дома, ја оставаат пред домашната икона.
По берењето на цвеќињата и при правањето на китчињата, младите невести, девојките и девојчињата пеат:
Ајде Цвето на цвеќе, Лазаре
Цвеќе да си береме, Лазаре,
Китки да си китиме, Лазаре,
Кому китка по китка, Лазаре,
На Лазара пет китки, Лазаре.