Ноември. Рецесија. Криза. Штрајкови. Незадоволство. Луѓе во очај. Богатите, побогати, сиромашните на просјачки стап. Ова е сликата на економската состојба во Европа деновиве. Но, не и овде. Во чудесната земја Македонија.
Дали?
Сликата(читај реалноста) е таа, но тонот(читај изјавата од ”економските експерти”) не е. Дисфункционалност има во политиката на владините мерки и реалната состојба. Сите тие ”авангардни” и ”иновативни” мерки се насочени кон реализација на привидот на задоволство и благосостојба.
Надвор си по кратки ракави, сончев ден, месец ноември, температура 12 степени Целзиусови. Ако носиш јакна и ако си добро облечен, па и нема да ти студи, напротив дури и пријатно ќе ти биде. Но, сепак, ти си тој во кратките ракави, јакната ти е дадена во залог и конец по конец ти оди на исплата на камата. Си викаш, па добро, сепак е ноември, ќе се стрпам до мај…
Во меѓувреме те фаќа настинка и разноразни болештини. Конците се тенчат и на онаа кревка маичка што ја носиш на плеќи. А, мај никако да дојде.
Има преговори, има извештаи, има најави за подобро утре, има спотови кои те уверуваат дека тебе, баш тебе, НЕ ти е ладно. А, мај никако да дојде…
Добро е ако имаш некого да те гушне и стопли, ама пустото и тој некој е во тенко маиче. Ве грее топлината некое кратко време, но сепак е ноември. И ладно е. Многу. А, празници допрва се ближат…
Мораш да се движиш. Напред, само напред! И да ги броиш деновите до мај. За движење ти треба гориво. А, сите оние ”добро ни е, има и бетер” изјави и пароли се со ниски октани. Само привид. Ладен воздух.
Твојот труд и напор за да се движиш и твојата јасна слика за онаа убава топла јакна, ете тоа треба да е твоето гориво. Твојата топлина. Не ти преостанува ништо друго, освен да се оттргнеш од нечија прегратка и да почнеш да трчаш, напред со крупни чекори. Целта не ти е Европа, не ти е тој пуст гурабетлук, целта ти е да имаш јакна во ноември. Убава и топла.