Лековити билки: Жалфија
ЖАЛФИЈА – Salvia officinalis
Повеќегодишна разгранета билка, висока 50-90 сантиметри. Стеблото и е дрвенесто, листовите се сребрено-зелени, ситни и тесни со долга рачка. Цветовите се сино-виолетови. Целата билка е многу ароматична.
Жалфијата расте во природата на каменити и неплодни места. Често се одгледува и во градините. Од неа се употребуваат листовите и младите гранчиња.
Во хемискиот состав содржи флавоноиди, алкалоиди, танини, смоли, етерични масла, органски киселини, витамини B, P и PP, терпени и фенолни соединенија.
Самото латинско име на билката Salvia кое потекнува од латинскиот збор „salvare“, што значи „спасување, лечење” ни кажува за неговата сестраност. Имено жалфијата се користи при стомачни проблеми, за недоволно лачење на желудочна киселина, при анорексија и запаление на слузокожата. Ја зголемува отпорноста на крвните садови. Се користи за лечење на дијабетес. Го намалува претераното потење. При инфекции на усната шуплина и грлото се користи за плакнење (гаргара). Се користи и за рани кои споро зараснуваат.
Начин на употреба:
-
ЧАЈ: Една мала лажичка се прелива со 250 милилитри зовриена вода и се остава малку да отстои.
-
ОЦЕТ: Се полни шишето до врвот со цветови од жалфија и се залива со домашен оцет , се остава 14 дена на сончево место.
-
КУПКА: Два грста листови се ставаат во ладна вода и се оставаат преку но. Следниот ден се се загрева до вриење и се додава во водата за капење.