Русија на Путин: Записи од опачината на светот
Публицистичко дело на новинарот Борис Камчев

Kamcev Rusija coverСанкт Петербург – Скопје, 28 мај, 2013 – Со сѐ поизразеното економско и политичко влијание на Русија во регионот, Македонија се подели на русофили и русофоби и во јавноста сѐ почесто се дискутира дали е добро или лошо прифаќањето на руското влијание во земјата. Во својот документарен роман „Русија на Путин: Записи од опачината на светот,“ авторот дава сопствен независен поглед на состојбите во Русија, земја со сложено минато и со уште посложена сегашност, коишто создадоа монолитна власт со изразено авторитарни тенденции.

Кремљ одамна ги напушти идеалите за демократска и либерална Русија, идеали што се појавија во перестројката што ја воведе Михаил Горбачов, последниот советски лидер. Меѓу другото и затоа социјалната и политичката стварност на земјата останува комплексна и релативно непредвидлива. Русија, како еден од главните геополитички играчи во светот, останува енигма за нас.

Дали земјата цивилизациски и културно е европска или е азиска? До кога таа ќе се смета за најекстремен европски Исток? Колку Петербург е руско културно средиште, а колку е централноазиски град? Зошто Москва го повампири сталинизмот во огромната земја и зошто се инсталира милитаристички режим во Чеченија? Кој бил македонскиот елемент во организацијата на црвениот терор на Сталин? Кои се владетелите на Русија и на нејзините неисцрпни природни богатства?

Како посветен проследувач на состојбите – со остро перо на патник по пустелиите на дваeсетвековната руска провинција и со тротоарски љубопитно известување од супермодерните светски мегалополиси Санкт Петербург и Москва – Камчев во книгава се обидува да разгатне некои од тајните на Русија.

Книгата „Русија на Путин“ е пуштена во продожба во следните скопски книжарници: Или-Или, Три, Табернакул, Магор, Икона и во Матица Македонска.

Борис Камчев е новинар и публицист кој пишува за повеќе домашни и странски медиуми. Последните години живее и патува на релацијата Скопје-Санкт Петербург-Вашингтон. Како речиси единствен македонски дописник од Русија, неговото творештво е посветено на теми поврзани со руската социјална и политичка стварност.

Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје и специјализирал на школата за новинарство на универзитетот Мисури, Колумбија, во 2010. Во моментов работи како постојан соработник во американската издавачка куќа LNG Publishing Co. Во македонската јавност е познат по своите новинарски статии и колумни објавувани во неделниците Форум и Капитал, и во весниците Нова Македонија и Дневник.

Ginka Ristova

Always looks on the bright side of life, but,nevertheless, wears an umbrella ...

View all posts