“Докторе…срцето ми зачука силно, мислев низ грло ќе ми излезе и одеднаш престана… Добив срцебиење, гледав како ми се движи градниот кош нагоре надолу, одеднаш осетив силен удар на срцето кое за момент престана да чука… Осетив пеперутки како да летаат од кај желудникот кон вратот а, срцето само што не ми беше излетало низ устата, потоа чукна силно и како да ми престана. Мислев дека ке умрам.”

Неброени слични искази се ројат во лекарските ординации. Иако навидум смешни, вистинското чувство на оние што го чувствуаат воопшто не е пријатно. За среќа, ретко кога е сериозно.

Во народот познати како срцеви прескоци, во медицината како екстрасистоли или предвремени коморни или преткоморни удари, овие пеперутки често пати внесуваат немир особено во младешките срца. Возбуда пред оценување, испит, пред љубовен состанок или по љубовна бура. Наплив на адреналин пред големи исчекувања, јавни настапи, значајни семејни настани. Ситуации во кои можат да полетаат пеперутките и сосема да го уништат доживувањето. И наместо да уживаат во положениот испит, добрата оценка, едноставно во успешно завршената работа, нашите херои избезумени очекуваат срцето низ гркланот да им излезе или пак како гулапче да излета од градниот кош, во смртен страв. Или веднаш или набргу потоа одат на лекар, каде што обично чудно ги погледнуваат, или уште повеке ги избезумуваат, за да на крајот се почувстуваат дека навистина крајот им дошол.

Науката вели дека повеќето од прескоците се “безопасни” но и тука има штос, разликата меѓу безопасните и оние другите, може да ја направи само лекар и тоа по можност поискусен. Така да нашите херои треба да се видат со чичковците во бел мантил, но полека, кроце и смирено. По можност без страв од умирачка.

Прескоците може да имаат и посериозно значење ако се јавуваат кај средната и постарата возраст, ако се пратени со градна болка (не боцкање или бодежи), препотувања, гушење, кркори во градите и во тој случај бараат итен медицински третман. Третман бараат и ако се прескоците во низа, мошне чести, секој втор или секој трет удар.

Затоа особено вие помладите, пуштете ги пеперутките нека ве скокоткаат, нека бидат тоа пеперутки на љубовта и радоста. Оние, другите, кои ве престрашуваат, оставете ги да одлетаат, особено ако човекот во бел мантил им удри зелен печат.

Dr.Ненад Златановиќ m-r.sci

Ginka Ristova

Always looks on the bright side of life, but,nevertheless, wears an umbrella ...

View all posts