Едукација пред медикација – Витамините како мода

Иако оваа флоскула се однесува на вистинските лекови, сосема е применлива и на најновото помодарство кај нас и во светот, а тоа се додатоците во исхраната, попознати како суплементи.

При секое влегување во аптека, гледам редица на нови (или ново-стари) препарати на витамини, антиоксиданси, минерали, комбинации на сите претходни и што уште не. Тоа укажува на две работи. Прво дека од фармација масовно се префрламе на парафармација и второ дека обичниот човек како да губи доверба со класичната медицина, па се обидува решенијата за своите маки да ги бара на друго место. А, некој можеби ќе рече дека стануваме здравствено образовани па за одржување и подобрување на здравјето користиме и други ресурси што е делумно точно.

Она што е алармантно е фактот дека ретко кој од мноштвото корисници на суплементите всушност знае за што ги користи, на што делуваат, имаат ли несакани ефекти и дали ги користи правилно. Суплементите се мода, која се шири како и секоја мода: во муабети, во кафулиња, на фризери, на кафе по дома и секако на рекламите од телевизија и интернет. Препораките се најчесто индивидуални и крајно субјективни бидејќи ретко кој од корисниците е запознаен со евентуалните научни студии за дејството на препаратот. За волја на вистината ретко ги има. Но, затоа имате безброј лични искуства за подобрена состојба кај некоја болест,или општо добро чувство. Она што вџашува е кога на суплементите ќе им се припишат речиси магични својства за лекување на тешки и најчесто неизлечиви болести, што се нарекува доведување во заблуда и е кривично дело. Што е најтрагично овие тврдења се речиси секогаш, многу, многу далеку од вистината.
Жртви сме на две СТРАШНИ заблуди: прво дека се што не е класичен лек (хемија) не е штетно. И второ, дека се што е од растително потекло мора да е корисно и не може да биде штетно. Колку за пример, има повеќе од 300 лековити растенија кои се забранети за употреба во бременост бидејќи штетно делуваат или на плодот или на мајката или на двете (пример: добро познатиот кантарион)

витамини1

Тргнувајќи од фактот дека додатоците во исхраната или суплементите, ниту се толку безопасни како што мислиме, ниту пак се семоќни како што се повеќе стануваме убедени, се поставува прашањето што сега. Одговорот е едноставен, и лежи во едукацијата. За жал изведбата не е. Иако Др. Интернет како што нагалено си го викам е преполн со информации, тие најчесто се нецелосни, контрадикторни во зависност од изворот, нереални и честопати сирови, медицински необработени. Оттука нивната употребна вредност е ограничена.
Најдобар извор на вистински информации е добро информираниот лекар. Единствено тој може да ви ја каже оправданоста на земањето на суплемент, за што би го земале, како би го земале, дали има несакани ефекти и кои, како и да одговори барем на повеќето ваши прашања. За жал пак мојата фела што од немање време, што од несакање да се заморуваат со “тривијални” покрај толку реални обврски, не сакаат, но пак од други причини сесрдно препорачуваат одредени препарати, давајќи често бизарни причини или воошто и недавајќи причина зошто го препорачуваат одредениот препарат. Представниците на компаниите кои ги продаваат за жал, честопати имам впечаток дека ни самите не знаат што продаваат што е недозволиво, ниту од медицински, а ни од комерцијален аспект. Гледано и само комерцијално, звучи ирационално да купите нешто за што не знаете ништо или знаете многу малку.

Затоа пред да дадете повеќе или помалку пари за нешто што треба да ви го подобри здравјето а, може да ви го оштети, прашајте го вашиот лекар или друго стручно и информирано лице за сите аспекти од употребата на препаратот. И онака премногу се труеме во секојдневниот живот за да можеме да си дозволиме да се дотолчиме со нешто што всушност треба да нé поправи.
Затоа : Education before medication! (Едукација пред медикација)

Dr.Ненад Златановиќ m-r.sci

Ginka Ristova

Always looks on the bright side of life, but,nevertheless, wears an umbrella ...

View all posts