Голем дел од ”обичниот свет” едноставно копнее да има доктор пријател. Не е важно дали е општ лекар, специјалист, од кал да е, доктор да е. Некои тоа го посакуваат сметајќи ги докторите за најучените меѓу учените, бидејќи ги научиле најголемите тајни, тајните на човечкото тело како универзум во мало. Или како што еднаш рече еден мој покоен ,Бог да го прости, професор: “лекарите се кремот на интелигенцијата”. Некои го посакуваат тоа како трамболина која ќе ги вивне во височините на општеството бидејќи во секое нормално општество лекарите спаѓаат во неговиот врв (со одредени тажни исклучоци). Повеќето пак копнеат по пријател доктор едноставно за да имаат доктор крај себе. За да не губат време, пари и нерви одејќи по докторските ординации особено за едноставни проблеми или дилеми од типот на настинка, цревни проблеми и слично. Вака, ќе свртат телефон на докторот-пријател и ќе добијат и дијагноза и терапија по телефон без да се малтретираат. Едно нема да добијат. Преглед. Бидејќи напреднава наука не измислила сеуште како да ги прегледаме пациентите преку телефон, на далечина. Можеби и ќе го прегледа некаде, некако, набрзина, без или со минимални дополнителни анализи, бидејќи нели, пријателите неможат да се разболат, а и да не ги мачиме со голготи по долгите бели ходници.

И во повеќето случаи настинката ќе помине, стомачните тегоби ќе исчезнат и сите ќе продолжат за живеат среќно и весело до следната настинка. Ќе бидат пресреќни со докторот-пријател. Арно ама, во еден мал процент, таа настинка ке стане пневмонија, или полошо ќе биде знак на малигно заболување на крвта а, тие стомачни тегоби ќе станат рак на дебелото црево. А, докторот пријател му препишал по телефон лекови за настинка или лекови за дијареа. Овие лекови или нема воопшто да помогнат, но пријателот на докторот-пријател ќе почека уште некое време бидејќи докторот-пријател не може да згреши, дури и преку телефон или пак ќе ги смират симптомите за некое време кое среќно ќе го прожиевееме се додека болеста не го покаже своето лице. И тогаш?!

Тогаш докторот станува гатач, на пријателот душман, а пријателот, непријател. Најмалку два животи неповратно уништени, за колатералните штети да не зборуваме.

Многу пати ќе ми кажат пациентите: мојот пријател доктор ми рече вака и вака… А, и јас имам пријатели на кои понекогаш им треба доктор. Па затоа отсекогаш сум ја имал дилемата дали докторот може да биде само доктор или и доктор-пријател. Не велам дека не може но, само под еден услов. Ако успее успешно да ја изоди жицата која го дели професионалното од приватното. Ако успее кога пријателот го гледа како пациент да го гледа како ПАЦИЕНТ а, не како пријател, а притоа да успее да ја исклучи секоја трошка субјективност во своето професионално размислување. И повторно не велам дека е невозмозно но, толку е тешко да е речиси невозможно. Па човекот е во суштина субјективно суштество кое повеќето од својот живот го користи за борба со субјективното во себе или останува негов вечен роб.

Затоа докторот-пријател ќе остане и доктор и пријател ако пријателот го посоветува да се јави само кај доктор, во надеж дека тој, комплетен странец ќе биде доволно професионален и објективен, на пријателот да му ја даде најдобрата можна заштита. Тоа да го направи дури и по цена пријателот да се налути што го одбил, го препорачал кај таму некој си странец и му потрошил еден куп време и пари по белите ходници.

Dr.Ненад Златановиќ m-r.sci

 

Ginka Ristova

Always looks on the bright side of life, but,nevertheless, wears an umbrella ...

View all posts