Феномен свекрва и снаа. Една со љубов раѓа, друга со љубов се мажи. Субјектот е заеднички. Почнува со куртоазија, преминува во веселба за непосредната околина. Почнува соживот и тоа каков: глума, препукување, приговарање, заговарање…субјектот трпи и не може/сака/смее да одбере страна. Интервенира најчесто надворешен фактор, кој сепак е наклонет кон едната страна. Факторот се менува, но не и фактот дека ја фаворизира една од страните. Ова оди до недоглед. Ситуацијата во заедничката куќа станува неподнослива, субјектот пати, патат сите. Е, тогаш на свет доаѓа Објектот кој така розев,мирисен и сладок дефокусира од ситуацијата, препирките стануваат ирелевантни а, факторот непожелен. Приказната може да има ваков или онаков крај, но сепак, ЗАЕДНИЧКИОТ интерес, ЗАЕДНИЧКИОТ субјект и ЗАЕДНИЧКИОТ објект заедно со примарната потреба за ЉУБОВ се нешта што ќе останат да живеат во ЗАЕДНИЧКИОТ дом. Приказната за снаата и свекрвата е вечна, но вечна е и желбата за припадност, грижата и пред се ЉУБОВТА! Домот и ЗАЕДНИЧКАТА СРЕЌА, која колку и да се дели станува поголема.

И не, ова не е само една приказна за снаа и свекрва. Ова е приказна за еден ФЕНОМЕН, кој деновиве е актуелен и воскреснува со секоја појава на национална, верска и расна нетрпеливост. Забораваме дека живееме во заеднички ДОМ, споени од ЉУБОВ. А, домот и љубовта се бранат, негуваат, сакаат…НЕ се кршат, палат, навредуваат! Погледнете околу себе, слушнете што има другиот да каже, разберете ги потребите на другиот, сакајте се и почитувајте се!

Сепак од ЉУБОВ се започнува…така и треба да продолжи.

Ginka Ristova

Always looks on the bright side of life, but,nevertheless, wears an umbrella ...

View all posts