Сите посакуваме да ги искусиме студентските денови . Секој од нас потајно се надева дека студенскиот живот ќе ни го промени животот. Период кога се екпериментира, дегустира, полемизира. Чуден стил на музика, неопислив стил на облекување, оптимистички планови за иднината, неуморен дух кој може да издржи часови и часови ноќни забави придружени со огромни количини на алкохол. Утрински главоболки кои не се пречка за претстојната викенд-шема. Предноста да си студент е голема. Освен погоренаведените причини, исто така мора да го спомениме широкиот круг на познаници (колеги, цимери кои веројатно ќе останат во нашиот круг на пријатели подолг период), се почестото дружење, студенските попусти за превоз, билети за секаков вид на случувања, облека, храна и слично, патувања финансирани од универзитетот (не важи за Македонија!) .

yale

Земајќи во обзир дека сум македонски студент, не е се така бело. Како редовен студент на Универзитетот Свети Кирил и Методиј (Блаже Конески да бидам попрецизна), посетувам задолжителна настава во простории каде што  во лето е претопло, зиме преладно, а во врнежливи денови накиснато. Затоа, многупати, слушајќи ги професорите со тврд англиски акцент, вниманието ми го одземаат пластичните кофи, полни со вода, поставени во амфитеатарот. Предавањата ми се составени од усни и писмени вежби. Понекогаш, ако професорот бил побрз и подосетлив гледаме и по некој филм. Радио касетофон си имаме, бидејќи си го купивме. Но, среќата беше на наша страна па некои други класови го позајмувале, па на сред полагање се расипа. Успехот на мојот универзитет би го оценила како средно жалосно. Недоволен број на добро ‘потковани’ професори, простории, амфитеатри, активности, потреба од подобри работни планови и сл. Можеби и затоа се наоѓа на 1542 место на светската листа на универзитети.

Но, ова лето имав можност да поминам неколку дена во еден од врвните факултети во светот, Јеил, и да направам една споредба помеѓу него и Универзитетот Свети Кирил и Методиј. Член е на Ајви-лигата, односно Бршленската лига, составена од осумте најстари факултети во Америка. Основан е во далечната 1701 година од група на свештеници, а именуван во чест на Elihu Yale , кој донирал големи средства за неговата изградба. Јеил се состои од 12 колеџи, секој колеџ со свое мото, свој декан, свој дом, своја програма за забава и случувања, свои спортски тимови, свои мензи и сл. Бев вчудоневидена од убавината на овој средновековен факултет, почнувајќи од неговите градби, архитектура, градини, библиотеки, па се до љубезните студенти, нивниот начин на живеење, студирање, ноќниот живот.

Автобусот не симна пред една железна порта, која се отвара само ако поседуваш студентска легитимација. Ова легитимација е потребна исто така за влез во домот, библиотеките, мензите, спречувајќи  го на овој начин влезот на несакани лица. Преминувајќи ја оваа препрека , дојдовме до градината на колеџот Branford, каде што и бев сместена. Околу мене беа наредени средновековни згради каде што сега живееја студенти, камбани кои до ден денеска чукаат благодарение на амбициозните ученици, зеленило, клупи, лежалки, мензи украсени со портрети на значајни лица. За разлика од нашите мензи, овде имаше најголем избор, од секаков вид на месо, тестенини, салати, до течен крем, мармалади, овошје, сокови, чаеви, кафиња и сл. Во апартманот во кој бев сместена живееја шест студентки, поделени во четири соби, една трпезарија и две бањи. Чувствував како да сум дел од филмот Хари Потер. Дрвени кревети, камини во секоја соба, мали прозори со под нив дел за седење, полн со перници. Поглед од милион долари. Камбаната чука цел час со прекрасна мелодија, во дворот се разминуваат забрзани студенти, секој со свои проблеми, едни тргнати во библиотеките, други да спортуваат, трети на некоја забава. Десетици велосипеди паркирани пред секоја зграда. Од секоја соба се слуша по некоја смеа, извици, музика. Братства, сестринства. Забавите беа нешто непредвидливо. Стотици студенти, во еден апартман задолжен за организирање забави, алкохол колку ти душа сака (платено од самиот факултет), музика во стилот на Gangham style, Benni Benassi , Florence and the Machine etc. Мотото на вечерта: Carpe Diem. Сите со слободен дух, без никакво двоумење и грижа на совеста. Afterparty во нечиј стан, повторно музика, играње, алкохол.

OAYOutdoorClassOPA

Додека следното утро се справував со главоболки, сите студенти беа одамна станати. За нив не постои нешто како слободен ден. Сите имаат некои активности, како гимнастика, фудбал, модерен танц, дебата, волонтерство, се во склоп на Универзитетот.  Самите професори и асистенти живеат заедно со своите семејства на Универзитетот, во куќи кои им се доделени од Јеил, со цел да им бидат поблизу на студентите.

Но, всушност поентата на оваа колумна не е да ви го доловам ноќниот живот на Јеил, туку различното функционирање на образованието. Влезот во некои од врните факултети е претежок, па затоа учениците се подготвуваат уште  во текот на средното образование. Зошто? За разлика од нашата прелесна матура, која е сочинета од четири испита, проектна задача и од целокупниот успех во однос на оцените, американските ученици имаат повеќе критериуми за влез во факултетот.  Факултетите како Јеил, Харвард, Принстон ги имаат следниве барања: како прво, учениците мораат да полагаат матурски испит наречен SAT’s, кој е сочинет од вкупно 2400 поени. Полагаат математика, критичко читање и на крај пишување (треба да добиете најмалку 2000 поена). Како второ бараат солиден успех во средното образование и идниот студент да се наоѓа меѓу најдобите во класот. Потоа, морате да имате воннаставни активости како член на танцувачко друштво, да свирите на инструмент, практикувате спорт. Волонтерството ќе ви донесе дополнителни поени, како и препораки од професори. Потребен е и есеј, напишан лично од вас во кој ќе пишувате за вашиот карактер, интереси, хоби, желби , планови за иднина, со цел тие да  осознаат повеќе за вас како личност. And last but not the least, честа да се биде дел од врвните факултети во светот е прескапа. Школувањето за една година на Јеил, со вклучено сместување и храна, изнесува 55.000 долари. Четири години, околу 200.000 долари. За да имаат можност и талентираните студенти чии родители заработуваат помалку, Јеил дава стипендии. Околу 50% од запишаните студенти на Јеил добиваат одредена финансиска помош.

Една третина од студентите на Јеил се интернационални студенти. Па затоа, ако ги имате потребните оцени, активности, знаење и родени сте под среќна звезда, посетете ја онлајн страната на Јеил,  осмелете се и променете ја вашата судбина.

Lux et veritas !

Студентката Деа во прво лице еднина

Ginka Ristova

Always looks on the bright side of life, but,nevertheless, wears an umbrella ...

View all posts